На англиски јазик се допишуваат ученици од VI и VIII-а одделение, под менторство на наставничката по англиски јазик Марина Николова. Во размената на писма на германски се вклучени ученици од VIII-а, VIII-б и IX одделение, со наставничката по германски јазик Елена Стоилова.
Училиштето го започна проектот на „eTwinning“ „Across the Borders – Pen Pal Exchange“, односно размена на писма преку границите. Македонија и Полска се основачи на проектот, а во него учествуваат и Италија, Романија, Турција и Украина.
Преку допишувањето учениците практично ги применуваат двата странски јазика во комуникација со врсници. Размената е насочена и кон запознавање нови култури, откривање сличности и разлики меѓу народите и создавање пријателства. Од училиштето велат дека првите писма биле дочекани со радост и возбуда.
Првите писма веќе се поставени на платформата „European School Education Platform“. Следната недела училиштето очекува писма и од учениците од Италија и Украина.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.