Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, односно околу 6,4 милијарди евра. Тоа е зголемување од 5,7 проценти во споредба со 2026 година. Расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно 7,1 милијарда евра, што е раст од 4,8 проценти.
Планираниот буџетски дефицит изнесува 45 милијарди денари. Спасовски оцени дека проекциите покажуваат продолжување на постепената фискална консолидација, со цел намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без занемарување на развојните приоритети.
Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарда денари, со раст од 6,4 проценти. Од ДДВ се планирани 100,4 милијарди денари, од данок на личен доход 42 милијарди, а од данок на добивка 27 милијарди денари. Проектираните приходи од акцизи се 31,9 милијарди денари, додека од царински давачки и данок на моторни возила заедно се очекуваат 17,5 милијарди денари.
Спасовски смета дека овие проекции имаат основа во економските резултати што ги поврза со работата на Владата. Притоа наведе дека економијата пораснала за 3,1 процент во првиот квартал и за 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година.
Тој порача дека секој потрошен буџетски денар мора да има економска и општествена оправданост, оценувајќи ја фискалната дисциплина како предуслов за долгорочна економска стабилност, а не како ограничување. Како цели ги посочи посилната економија, подобрите услови за бизнис, повисокиот животен стандард и подобрите јавни услуги.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.