Службениците од Отсекот за превенција при СВР Штип разговараа со посетителите на пазарот за самозаштита од разбојнички кражби, разбојништва, дрски и џебни кражби. Им поделија едукативни летоци и ја нагласија потребата од соработка и брза комуникација со полицијата.
Во Пензионерскиот дом во Делчево, пак, денеска предупредувањето беше насочено кон повици од непознати лица кои бараат пари со лажно тврдење дека член на семејството доживеал сообраќајна незгода или е во болница. Полицајците апелираа граѓаните да не даваат пари на непознати, туку информацијата да ја проверат со директен контакт со своите блиски, а сомнителните повици да ги пријават на 192 или 112.
Активноста „Заштита од телефонски измами“ ја спроведоа службеници од ОВР Делчево, Регионалниот центар за гранични работи Исток и Полициското одделение Македонска Каменица. За препознавање и спречување на измамите беа поделени и летоци. Со истата цел, на подрачјето на полициската станица Аеродром во Скопје се одржа активноста „Внимавај, телефонски измами“.
Во сообраќајните активности, нагласокот беше на подготовката за зимско возење. На повеќе места во центарот на Штип, сообраќајната полиција денеска им делеше летоци на возачите и ги потсетуваше на задолжителната зимска опрема во возилата. Во скопски Центар, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), кампањата „Биди подготвен за безбедно патување во зима“ беше спроведена заедно со „Носи појас“, со средби со возачи и едукативни летоци за поголема сообраќајна безбедност.
Во општина Крива Паланка вчера полицајци од станицата за граничен надзор и гранични проверки Деве Баир и од полициската станица Крива Паланка разговараа со возачи и граѓани и делеа летоци. Советите опфатија користење зимска опрема и сигурносен појас, некористење мобилен телефон при возење и приспособување на брзината кон времето и условите на патот. Возачите беа потсетени и на почитувањето на правилата и последиците од нивното прекршување.
Денеска и вчера, службеници од ОВР Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Македонски Брод и од Полициското одделение Ропотово делеа летоци во централните градски подрачја и на излезите од градовите. Материјалите, изработени со РСБСП, содржеа пораки за одговорно возење во зимски услови и почитување на законските правила. Во разговорите со возачите посебно беше нагласена обврската брзината да се приспособи кон условите на патот.
За пешаците и паркирањето, сообраќајната полиција во Пробиштип денеска ги спроведе активностите „Одговорно пред пешачки премин“ и „Паркирај совесно, паркирај одговорно“. Полицајците разговараа со пешаци и возачи за нивната одговорност во сообраќајот, а на пешаците им поделија едукативни летоци.
Сообраќајни правила беа тема и во училиштата. Во ОУ „Никола Карев“ во селото Тркање, кочанско, службеници од сообраќајната полициска станица Кочани денеска им одржаа предавање на првачињата за основните правила и прописи, значењето на сообраќајните знаци и правилното однесување во сообраќајот.
Во приватното училиште „Мариф“ и во Средното економско училиште „8-ми септември“ во Тетово денеска продолжи проектот „Учам-Полагам-Возам“ на Отсекот за превенција при СВР Тетово. Проектот предвидува предавања за ученици од трета година, а на предавањето беа обработени поважните сообраќајни правила, законските обврски за заштитна опрема и казните за прекршоци. Целите се подобрување на сообраќајната култура и свеста на идните возачи, градење доверба меѓу полицијата и младите и намалување на незгодите и нивните последици на подрачјето на СВР Тетово.
Превенцијата од насилство и зависности беше тема на три работилници и две трибини што Одделението за превенција при СВР Скопје ги одржа вчера и денеска во училишта во Карпош. Трите работилници беа со деветтоодделенци од ООУ „Петар Поп Арсов“, а двете трибини со ученици од прва и втора година од СУГС „Ѓорги Димитров“ и СУГС „Орце Николов“.
Преку интерактивни разговори учениците се запознаваа со физичкото и психичкото насилство, врсничкото насилство и насилството на социјалните мрежи, агресивното однесување и зависностите. Посебно внимание беше посветено на препознавањето, избегнувањето и пријавувањето на овие појави, како и на полициските овластувања и казнените одредби, објаснети соодветно на возраста на учениците.
Во ОУ „Крсте П. Мисирков“ во Бистрица, битолско, вчера службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола одржаа работилница со советот на родители за врсничко и семејно насилство.
Во Делчево, полициски службеници денеска присуствуваа на состанок на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво. Таму беше објаснето дека во текот на учебната година се спроведуваат превентивни активности во сите основни и средни училишта во градот. Предавањата опфаќаат врсничко и сајбер насилство, безбедно користење интернет и социјални мрежи, превенција од алкохол, никотин и игри на среќа, пријавување насилство или закани, сообраќајна безбедност и некористење пиротехнички средства.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.