Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Протоколот предвидува итно обезбедување вешт наод и мислење за евентуалните повреди, процена на ризиците и прибирање на сите потребни докази, за да се овозможат брза јавнообвинителска одлука и соодветни дејствија за кривичен прогон.
Во трите институции ќе бидат определени лица за контакт, постојано достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки. Постапувањето ќе се одвива по стандардизирани процедури, со јасно утврдени надлежности и одговорности.
Мерките ги договорија државниот јавен обвинител Ненад Савески, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, на денешниот работен состанок во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Обвинителството ги оценува трендовите кај кривичните дела поврзани со семејното насилство како загрижувачки. Приоритетните активности се насочени кон подобра превенција, навремена заштита на жртвите и поефикасно откривање и кривично гонење на сторителите. Институциите очекуваат зајакнатата соработка да донесе побрза реакција во секој поединечен случај, навремени мерки за заштита и згрижување на жртвите и ефикасно процесуирање на сторителите пред надлежните судови.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.