Меѓу учесниците беа и ученици од СОУ „Таки Даскало“ од Битола. Работилницата се одржа во Советот на Општина Битола.
На досегашните работилници младите ги идентификуваа локалните проблеми и разработија проектни решенија за нив. Најуспешните идеи ќе бидат претставени на претстојниот Национален форум на ЛАПСИ.
Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, најави дека сите проекти и идеи што ќе бидат предложени во иднина ќе бидат разгледани и вклучени во соодветните општински програми, со цел дел од нив да добијат можност за реализација. Младите ќе бидат активно вклучени во процесот и поканети да ги промовираат своите идеи и проектите што ќе се реализираат. Како што рече Бојкоски, целта е тие да не останат само предлагачи, туку да учествуваат во создавањето на иднината на Битола.
На учесниците, покрај Бојкоски, им се обрати и градоначалникот Тони Коњановски. Двајцата зборуваа за значењето на младинското учество и соработката со локалните институции. Коњановски порача дека, покрај слушањето на гласот на младите, треба да им се даде вистинска можност да учествуваат во креирањето локални решенија, а ЛАПСИ го посочи како можност за нивен активен придонес во заедницата.
Проектот го спроведува Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, во соработка со Општина Битола. Тој е дел од програмата „BOOST“, координирана од „ALDA“, со финансиска поддршка од Француската агенција за развој („AFD“).







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.