Според обвинението, несреќата се случила на 12 јануари во утринските часови, кога четворица работници влегле во зградата носејќи дел од мебел. На четвртиот кат, еден од нив се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал низ отворот за лифт до подрумските простории. Од падот се здобил со многу тешки телесни повреди и починал на местото.
Првиот обвинет е одговорно лице во една од фирмите и инвеститор на зградата. Обвинителството го товари дека не ги почитувал техничките правила за заштита предвидени со Законот за градење: лифтовското окно го оставил без заштитна ограда, на скалите немало огради за спречување падови, а градилиштето не го одржувал чисто од непотребен шут и отпадоци. Не го обезбедил ниту влезот во објектот за да спречи пристап на неовластени лица.
Другата обвинета фирма ги ангажирала работниците. Таа и нејзиниот управител се обвинети дека свесно не ги почитувале Законот за работните односи и мерките за заштита при работа. Според обвинителството, загинатиот Кристијан Љушев работел како помошник-монтер без договор за вработување, во целосно непријавен работен однос. Немал поминато основна обука за безбедност и здравје при работа, ниту здравствен преглед, а не добил ни упатства за работа во специфични услови со сериозен и зголемен ризик.
Работниците биле испратени во зградата по усмен налог од управителот, без претходен увид и проценка на работната средина, се наведува во обвинението. Обвинителството смета дека со непреземањето на заштитните мерки управителот го изложил работникот на опасност по животот.
Обвинителниот предлог ги опфаќа делата тешки дела против општата сигурност од член 292 став 4, во врска со член 288 став 4 и став 2; предизвикување општа опасност од член 288 став 5; повреда на правата од работен однос од член 166 и непреземање мерки за заштита при работа од член 170 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид достави и предлог за мерка за обезбедување – забрана за статусни промени во двете обвинети фирми. Целта е во текот на постапката да се спречат статусни промени и отуѓување на имотот на правните лица.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.