Форумот беше прва јавна консултација за стратегијата за локален развој воден од заедницата („CLLD“), во која жителите учествуваат во утврдувањето на развојните приоритети. Граѓани, млади, земјоделци, претставници на бизнис-секторот, граѓански организации и претставници на општините Преспа, Ресен, Пустец и Девол ги дефинираа приоритетите преку дискусии, електронско гласање и СВОТ-анализа на силните и слабите страни, можностите и заканите.
Покрај задржувањето на младите, меѓу приоритетите е заштитата на езерата и природата преку справување со климатските промени и намалувањето на водните ресурси. Поддршката на локалното земјоделство опфаќа поттикнување на младите земјоделци, промоција на заедничка кошничка со локални производи и нивно поврзување со агротуризмот. Учесниците се определија и за целогодишен туризам, со промоција на Преспа како единствена прекугранична туристичка дестинација.
За подобра прекугранична поврзаност, како приоритети беа утврдени надминувањето на административните пречки на границите и пристапот до заеднички европски фондови за сите три земји. Посебна цел се посилните врски меѓу жителите, со повеќе можности за секојдневна комуникација, доверба и соработка меѓу граѓаните од трите страни, особено меѓу младите.
Во дискусиите се користеше апликација со вештачка интелигенција за симултан превод на четири јазици, достапна преку „QR“-код, за учесниците да можат да зборуваат на својот мајчин јазик. Според Општина Ресен, ова било прво користење ваква апликација на настан од овој вид.
Домаќин беше Општина Преспа, а форумот се одржа преку проектот „PULSE“, финансиран од европската програма „CERV“. Процесот го водеа експерти од ОЕЦД во пилот-акцијата „IMPACT“ на Европската комисија. Преспа е единствениот регион што опфаќа три земји меѓу 30-те избрани европски прекугранични области.
На средбата присуствуваа градоначалниците на Пустец и Девол, Пали Колевски и Едуард Дуро, како и секретарот на Општина Ресен, Зоран Кипревски, кои ја потврдија заложбата за координирани активности. Градоначалникот на Преспа, Јоргос Стергиу, рече дека стратегијата ќе го носи потписот на самите граѓани, со цел до 2035 година Преспа да биде место каде што младите ќе сакаат да останат и да се вратат.
Заклучоците од форумот вчера беа претставени на состанокот на „IMPACT“ во Париз. Изработката на стратегијата продолжува преку отворени работни групи, а нејзиното финализирање е планирано за февруари или март 2027 година. Општина Преспа ги повикува заинтересираните жители, особено младите, земјоделците и туристичките работници, да се вклучат во процесот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.