Покрај едукативните активности, програмата предвидува редовни работни состаноци, подобра комуникација меѓу институциите и анализа и следење на состојбите и преземените мерки против насилството. Работата ќе се одвива во три области: институционално јакнење и одржливост на телото, учество во креирањето и спроведувањето локални политики и ставање на проблемот во фокусот на јавноста.
На состанокот беа донесени и заклучоци за заеднички превентивни и информативни активности во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Целта е граѓаните полесно да ги препознаваат различните форми на насилство и да бидат информирани за механизмите за поддршка и заштита.
Локалниот механизам беше инициран во декември 2024 година од Организацијата ЖЕНА – Делчево, со чија поддршка се реализираа формирањето и координацијата на телото. Неговото повторно активирање и зајакнување произлегува од потребата појасно да се определат улогите на институциите и да се воспостави ефикасна меѓусебна координација. Мисијата е институциите и граѓанските организации заеднички да планираат и спроведуваат мерки и политики за намалување на родово базираното и семејното насилство, со визија за заедница без насилство врз жените и девојките.
На конститутивниот состанок учествуваа претставници од Центарот за социјална работа – Делчево, МВР – ОВР Делчево, Здравствениот дом, образовните институции, Организацијата ЖЕНА и Општина Делчево.
За координаторка беше избрана Јадранка Стојанова, претставничка од МВР – ОВР Делчево. Покрај програмата за 2027 година, беа усвоени Правилникот за деловна тајна и доверливост и портфолиото на телото.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.