Во Дневниот центар за рехабилитација и реинтеграција на ХОПС се достапни стручна помош, советување и третман во безбедна средина, без осуда и стигматизација. Поддршката вклучува психолошка и психијатриска помош, работа со социјален работник, советување за пристап до здравствена заштита и остварување на социјалните права, како и информации за намалување на ризиците поврзани со употребата на дроги.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, порача дека младите не се сами и имаат каде да се обратат. Според него, разговорот и довербата во човек што знае како да помогне понекогаш се првиот и најважен чекор. Тој рече дека целта на проектот е навремена стручна поддршка и превентивно дејствување, бидејќи зависноста може да остави сериозни последици врз животот на младите и нивните најблиски.
Од мај до август 2026 година Дневниот центар го посетиле 71 корисник, а биле реализирани 274 посети и обезбедени 481 услуга. Фокусот е врз младите и нивните семејства, за ризикот да се препознае навреме и да се спречи продлабочување на проблемот.
Проектот опфаќа и активности за информирање и активно вклучување на младите во изработката на информативни и едукативни содржини за злоупотребата на психоактивни супстанции и нејзините штетни последици.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.