На работната средба учествуваа претседателот на Лекарската комора, Никола Јанкуловски, потпретседателките за секундарно и примарно здравство Ленче Нелоска и Биљана Петковска-Огњанова, и директорот на ФЗО, Златко Перински. Разговараа за продлабочување на координацијата, со цел подобри услови за работа на лекарите и поквалитетна и подостапна здравствена заштита за пациентите. Унапредувањето на комуникацијата со стратешките институции е еден од приоритетите на новото раководство на Комората.
Меѓу главните приоритети на работната група се поедноставување на административните постапки, намалување на непотребните обврски за лекарите и поголема ефикасност. Предвидени се и подобри услови за работа, како и поквалитетни и подостапни здравствени услуги за граѓаните.
Јанкуловски ја нагласи важноста на континуираната соработка и активното вклучување на лекарската професија во подобрувањето на здравствената регулатива. За Комората, рече тој, значајно е што постои подготвеност за суштинска соработка и што ставовите на лекарите се земаат предвид при разгледувањето прашања што непосредно влијаат врз нивната работа. Лекарите треба да учествуваат во подготовката на решенијата што секојдневно ги применуваат.
Јанкуловски очекува преку заедничките работни групи да се согледаат недостатоците во регулативата и да се предложат подобрувања засновани на стручни аргументи и искуства од практиката. Според него, потребни се јасни и применливи правила, помалку непотребна администрација и услови во кои лекарите ќе можат повеќе да им се посветат на пациентите.
Перински истакна дека треба да се создадат услови лекарите непречено да ја вршат работата, а граѓаните навремено да ја добиваат потребната здравствена заштита. Тој е уверен дека отворената комуникација и почитувањето на ставовите можат да придонесат за напредок во давањето квалитетни услуги за граѓаните.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.