Американското Министерство за трговија ги посочува центрите во Индонезија, Малезија, Сингапур, Тајланд и Бразил како пат преку кој Кина, Русија и Иран можеле да ги заобиколат ограничувањата. Новите правила ќе стапат во сила 90 дена по објавувањето во Федералниот регистар.
Компаниите со седиште во земјите оценети како места со повисок ризик од пренасочување чипови кон овие три држави ќе мора да бараат лиценца при пренос на големи количества напредни чипови. Условите вклучуваат строга проверка на клиентите и, по добивањето лиценца, темелни проверки на работењето и месечни извештаи за трансакциите, сите вклучени страни, нивните матични компании и крајната дестинација на продадените чипови.
Според Саут Чајна морнинг пост, напредните чипови произведени за кинеска фирма ќе се сметаат за предмет на ограничувања, а фабриките ќе мора да побараат американска лиценца пред испораката. Исклучок е предвиден за компании што обезбедуваат пресметковна моќ исклучиво за комерцијални системи за препораки.
Министерството предупредува дека далечинскиот пристап може да им овозможи на американските ривали да обучуваат и користат модели на вештачка интелигенција за воени и разузнавачки цели. Меѓу наведените ризици се развој на поефикасно оружје за масовно уништување и напредно конвенционално оружје, координирана сајбершпионажа, насочено нарушување на компјутерски системи, кражба на алгоритми и дезинформации употребени како оружје. Според Њујорк тајмс, американски претставници стравуваат дека без интервенција Кина би можела да стекне воена или економска предност.
За прекршителите Министерството предвидува можни нови увозни ограничувања, построги услови за лиценцирање, понеповолен статус во американскиот режим за извозна контрола и промени во ознаките на контролните листи за компаниите или земјите во кои се базирани.
Меѓу засегнатите е сингапурската „Megaspeed“, која работи со облачно пресметување и инфраструктура за вештачка интелигенција. Продажбата на далечински пристап до АИ-сервери на клиенти во Кина досега била законска. Министерството им дава на фирми како „Megaspeed“ 90 дена да добијат лиценци или да се соочат со идни извозни ограничувања.
Мерките доаѓаат во време на истрага поврзана со „Nvidia“. Според Арс техника, Џенсен Хуанг се повлекол од функцијата извршен директор откако признал љубовна врска со Алис Хуанг, осомничена дека работела како кинеска шпионка. Конгресот истражува дали таа ја искористила личната врска за нејзиниот поранешен работодавач „Megaspeed“ да стане еден од најголемите клиенти на „Nvidia“, а потоа ја искористила таа позиција за шверц на ограничени чипови во Кина.
Кина негира дека Алис Хуанг била шпионка. „Megaspeed“ го негира шверцот и започнала сопствена внатрешна истрага. Си-би-ес њуз, пак, пренесува тврдење на американски истражители дека таа преку деловни контакти и низа фирми-паравани обезбедила пристап до 240.000 чипови забранети за извоз во Кина.
Прашањето колку строго да се ограничат чиповите предизвикало несогласувања во администрацијата. Според Њујорк тајмс, министерот за финансии Скот Бесент побарал построги мерки по откритијата за „Megaspeed“, додека министерот за трговија Хауард Латник бил оценет како премногу близок со „Nvidia“ за да дејствува. Латник првично се залагал за полабави контроли, за кои „Nvidia“ тврдела дека би обезбедиле глобална доминација на американската технологија. Портпарол на Министерството за трговија, сепак, негирал дека Бесент се конфронтирал со Латник за постапувањето со „Megaspeed“.
Бесент јавно го критикувал Латник затоа што не ја санкционирал компанијата. Во настап на Си-ен-би-си тој побарал да се утврди дали „Nvidia“ доволно ги познавала клиентите и дали презела сериозни мерки за да спречи пренасочување на чиповите преку фирми-паравани. Побарал и одговорност во компанијата за евентуалните пропусти.
Според известувањето, Министерството ги прифатило построгите мерки по притисокот од Бесент, кој помогнал и во нивната подготовка. Но, иако најавува активно следење на земјите што толерираат заобиколување на контролите, Њујорк тајмс оценува дека останува нејасно колку строго ќе ги спроведува. Надлежноста за спроведувањето останува кај Министерството за трговија.
И покрај притисоците за смена на Латник, Трамп денеска потврди дека не планира да го замени. Тој го оправда одложувањето на ставањето на „Megaspeed“ на црна листа со ризикот од сериозен судир со Кина. Трамп рече и дека не е докажано оти Алис Хуанг е шпионка, а можноста Џенсен Хуанг да се врати во „Nvidia“ ја оцени позитивно, придружувајќи им се на технолошки лидери што го поддржуваат неговото враќање.
Кина ги обвинува САД дека ги фабрикуваат шпионските тврдења за да оправдаат нови ограничувања за чиповите. Сепак, висок претставник на администрацијата, кој анонимно зборувал за Њујорк тајмс, рекол дека Трамп не очекува кинески противмерки.
Трамп неделава треба да присуствува на економски самит во Кина и да се сретне со претседателот Си Џинпинг. Хонг Јуан, истражувач и генерален секретар на Центарот за американски воени студии при Кинеската академија за општествени науки, предупредил дека ограничувањата би можеле да ги нарушат разговорите. За Пиплс дејли тој оценил дека Пекинг веројатно ќе ги смета за политички мотивирани.
Хонг го обвинил Вашингтон дека донел политичка пресуда пред судски да се утврди причинската поврзаност, заменувајќи ги доказите со сомневања и третирајќи ги личните контакти како шпионажа, а приватното однесување како повод за индустриско ембарго. Според него, случајот не е причината за построгите контроли, туку политички поттик за нив.
Аналитичари за Саут Чајна морнинг пост проценуваат дека мерките би можеле да го забрзаат преминот на кинеските компании кон домашни АИ-чипови. Експерти за Пиплс дејли, официјалниот весник на Кинеската комунистичка партија, предупредуваат дека со текот на времето враќањето на американски платформи би станало поскапо. Тоа, според нив, би можело долгорочно да ја зацврсти кинеската технологија на сметка на американската на најголемиот поединечен потрошувачки пазар за чипови во светот.
Сун Ченгхао, виш истражувач во Центарот за меѓународна безбедност и стратегија при Универзитетот Цингхуа во Пекинг, оценил за Пиплс дејли дека американските компании ризикуваат со години да губат клиенти и технолошко влијание.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.