Најавата ја даде на средба со Чо Јонг Вон, секретар на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја и член на Президиумот на Политбирото на партискиот Централен комитет. Путин порача дека Русија останува вечно благодарна и нема да го заборави придонесот на севернокорејските војници кои се бореле рамо до рамо со руските сили.
Учеството на единиците на Корејската народна армија во, како што го опиша, ослободувањето на територијата на Курската област, Путин го нарече ново поглавје во историјата на военото сојузништво меѓу двете земји.
Путин го замоли Чо да му пренесе пријателски поздрави на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Тој рече дека високо ги цени деловните и пријателските односи што ги развил со Ким, оценувајќи дека тие помагаат во развојот на врските меѓу Русија и Северна Кореја.
На средбата присуствуваа и Владимир Јакушев, прв заменик-претседател на Советот на Федерацијата и секретар на Генералниот совет на Единствена Русија, Александар Козлов, министер за природни ресурси и екологија и копретседавач на меѓувладината комисија на Русија и Северна Кореја, како и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
Севернокорејската делегација предводена од Чо пристигна во официјална посета на Русија на 14 ноември, за учество во работата на движењето Форум на приврзаници на борбата против современите практики на неоколонијализмот. Чо претходно присуствуваше на отворањето на генералното собрание на движењето За слободата на народите! и се сретна со претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин и со заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.