Во извештајот, објавен во септември, се наведува дека „Claude“ главно создавал содржини емитувани на радиостаницата „Radio Lengo Songo“. Според истражувачкиот колектив „All Eyes on Wagner“, радиото е финансирано од Русија. Содржините ја прикажувале позитивно владата на Централноафриканската Република и платениците на „Africa Corps“, а критички Франција и опозицијата.
„Anthropic“ наведува дека „Claude“ одбил барање опозициски фигури да ги прикаже како вооружени милитанти, со цел безбедносните сили да преземат дејство против нив. Извештајот не ги именува следените лица, не прецизира какви податоци биле собрани и не кажува кој ги добил.
Претставникот на руската мисија во Централноафриканската Република, Дмитриј Ситиј, ги оцени наводите како нејасни и без конкретни докази. Русија ги негира обвиненијата.
За Демократска Република Конго, „Anthropic“ наведува 318 статии објавени на мрежа од околу 70 лажни веб-страници и ширени преку повеќе од 250 фиктивни профили на „X“. Содржините ги поддржувале ставовите на конгоанската влада во контекст на конфликтот со Руанда. Во Кенија, според извештајот, „Claude“ создавал серии од по 50 пораки во поддршка на владата и против опозицијата.
Во Судан, „Anthropic“ опишува операција припишана на лица од Обединетите Арапски Емирати, во која вештачка интелигенција била користена за создавање лажни сведочења за Обединетите нации. Во Мали, советник со врски со разузнавачки служби наводно користел „Claude“ за развој на платформа за следење телекомуникации. Според извештајот, таа била наменета да опфати 25 милиони „SIM“-картички и да го заобиколи условот за судско одобрение.
„Anthropic“ соопштува дека ги открил и запрел операциите меѓу декември 2025 и август 2026 година, главно со бришење на поврзаните профили и зајакнување на системите за откривање.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.