Националната арена „Тодор Проески“ има капацитет од околу 32.000 гледачи. Од прва категорија се достапни 4.578 влезници, чија редовна цена од 1.800 денари со попуст од 35% изнесува 1.170 денари. Втората категорија опфаќа 5.133 влезници по цена од 650 денари со попуст.
За гостинската репрезентација и нејзините навивачи се наменети 3.000 влезници по 1.800 денари, согласно пропозициите на УЕФА. Во таа бројка не се вклучени тампон-зоните, кои дополнително го намалуваат расположливиот капацитет за македонските навивачи.
Речиси целата западна трибина е отстапена за најмладите фудбалери од Детската лига, нивните тренери и родители, како и за навивачките групи што побарале присуство на натпреварот. ФФМ наведува дека ова е принцип што го применува во текот на целиот циклус, а не исклучок за овој натпревар.
ФФМ ја објави распределбата како одговор на коментарите за цените. Федерацијата наведува дека за некого 325 денари може да бидат прескапи, но тоа е личен став, и оценува дека паушалните тврдења и непотполните информации создаваат погрешна слика и ги доведуваат во заблуда оние што сакаат да присуствуваат.
ФФМ додава дека критиките и прашањата се добредојдени. Според федерацијата, академската титула, функцијата или припадноста кон институција не се замена за проверени факти, а од академската заедница се очекуваат точност, аргументираност и одговорност при јавното изнесување информации.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.