Чеферин рече дека вниманието најчесто е насочено само кон резултатите на А репрезентацијата, иако за создавање генерација што ќе постигнува резултати е потребно време. Посочи дека и самиот доаѓа од земја со приближно иста големина како Македонија.
„Македонската федерација се движи во вистинска насока. Колку што сум запознаен, ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време“, рече Чеферин.
Тој ја поврза довербата во раководството на ФФМ со соработката со претседателот Масар Омерагиќ, кого го оцени како добар избор за функцијата. Го опиша како остроумен човек кој ги разбира и фудбалот и спортско-политичките односи. Според Чеферин, двајцата често се во контакт и лесно се разбираат, поради што смета дека македонскиот фудбал е во добри раце.
Зборувајќи за инвестициите на УЕФА во фудбалската инфраструктура и за предизвиците на помалите федерации, Чеферин укажа на потребата од поголема поддршка од државните институции и локалните самоуправи. Нагласи дека средствата од УЕФА се контролираат и дека федерациите во најголем дел ги користат домаќински и одговорно.
За европскиот модел на солидарност, тој посочи дека секоја национална федерација има еднаков глас и рамноправна позиција, без оглед на големината на земјата или нејзината фудбалска моќ. Во тој поглед, рече, ФФМ е подеднакво валиден член како федерациите на Англија, Германија, Франција и Италија.
Според Чеферин, УЕФА секоја година ја зголемува работата на полето на солидарноста, а за клубовите што не учествуваат во европските натпреварувања издвојува над 240 милиони евра. Тој наведе и дека 97 проценти од средствата на организацијата се враќаат во фудбалот.
Чеферин рече дека ќе ја продолжи работата на чело на УЕФА, наведувајќи дека добил поддршка од сите 55 национални федерации членки. Како главен приоритет ги посочи заштитата на фудбалот и зачувувањето на солидарниот модел на организацијата.
Претседателот на УЕФА престојуваше во Македонија на покана на Омерагиќ и го следеше натпреварот Македонија – Словенија од Лигата на нации. Изрази задоволство од повторната посета, а посебен повод за средбата беа и родендените на претседателите на двете фудбалски федерации, Масар Омерагиќ и Раденко Мијатовиќ.
Личната врска со Македонија ја опиша и преку семејниот миленик Тито, шарпланинец што го добил од Омерагиќ при претходната посета. „Моето семејство повеќе не може да го замисли животот без него. Огромен е, ништо не слуша, но се бориме“, раскажа Чеферин.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.