Меѓу задачите на проширената комисија, според предлогот, би била и подготовката на делот од Уставот за односот меѓу националното и европското право. Сиљановска-Давкова предложи како пример да послужи искуството на Првата уставна комисија, во која учествувале и надворешни членови.
Претседателката изнесе забелешки за начинот на кој е поставена поделбата на власта, за положбата и надлежноста на Уставниот суд, за решенијата за воена и вонредна состојба, како и за локалната самоуправа.
За уставните промени, таа посочи дека 21 од вкупно 36 амандмани биле иницирани однадвор, во духот на градење на државата. Според неа, преамбулата е менувана двапати и ја користи синтагмата „делови од народи“, која не соодветствува со категоријата заедници, воведена во нормативниот текст со амандманите од 2001 година.
Сиљановска-Давкова оцени дека амандманите се напишани со невоедначена и лоша уставноправна техника, поради што се нејасни и тешко разбирливи, а преамбулата ја оцени како целосно нечитлива. Според неа, честите промени, особено наметнатите, го доведуваат во прашање Уставот како највисок закон и најширока општествена повелба на граѓаните во смисла на Русоовиот „Општествен договор“. Таа смета дека со тоа се релативизира и маргинализира и уставниот патриотизам за кој пишува Јирген Хабермас.
Предлогот и оценките ги изнесе на панел-дискусија по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав, организирана од Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државниот архив.
Во подготовката на Уставот од 1991 година, Сиљановска-Давкова учествувала како надворешна членка на тогашната Комисија за уставни прашања. Осврнувајќи се на тој период, таа ја истакна толерантната дебата меѓу приврзаниците на националниот и на граѓанскиот концепт.
И покрај тензичната предвоена атмосфера на југословенските простори, присуството на Југословенската народна армија во Македонија и кратките рокови, таа ја оцени постапката за донесување на Уставот како демократска, инклузивна и транспарентна, а најголемиот дел од решенијата како стандардни. Како особено важни ги издвои темелните вредности на уставниот поредок и слободите и правата на човекот и граѓанинот, посочувајќи и на потврдата од Бадинтеровата комисија во 1992 година.
Осврнувајќи се на европската идеја и демократскиот европски политички систем, Сиљановска-Давкова ја нагласи нивната уникатност и потребата да се почитуваат принципите и вредностите од европските уставни документи. Без нив, оцени таа, ЕУ не може да биде филозофија, туку само политичка и бирократска машинерија.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.