Парите се наменети за отворање нови работни места, поддршка на млади претприемачи и самовработување. Ристески рече дека целта е младите да добијат можност да успеат дома, наместо да ја бараат својата иднина надвор од земјата.
За платите во Предлог-буџетот е предвидено зголемување на средствата за 6,6%. Ристески оцени дека тоа ќе донесе повисоки примања и подобар животен стандард за илјадници семејства.
За социјални трансфери во 2027 година се планирани 220,8 милијарди денари, што е раст од 4,1% во однос на 2026 година. Од нив, над 123,8 милијарди денари се за пензиите, со зголемување на средствата од 4,8%.
Ристески порача дека 330 илјади пензионери ќе продолжат редовно да ги добиваат пензиите и дека тие ќе растат. Тој наведе дека за две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ пензиите се зголемени за седум илјади денари. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се планирани 14,3 милијарди денари.
Во вкупната буџетска рамка што ја претстави Ристески, приходите се проектирани на 395,4 милијарди денари, за 5,7% повеќе од 2026 година, а расходите на 440,4 милијарди денари, со раст од 4,8%. Истовремено, предвидено е буџетскиот дефицит да се намали од 4,1% на 3,5% од бруто-домашниот производ, а примарниот дефицит за над 5,1 милијарда денари.
Ристески оцени дека намалувањето на дефицитот и фискалната дисциплина не значат кратење на парите за граѓаните, туку нивно враќање кај граѓаните и во реалната економија. Како три столба на Предлог-буџетот ги наведе проектираниот економски раст од 3,8%, финансиската стабилност и континуираното подигнување на животниот стандард.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.