Муса зборуваше на сесијата за еколошка безбедност, климатска отпорност и превенција од природни непогоди, на која се разгледуваа влијанието на климатските промени врз безбедноста и институционалната подготвеност. Според неа, еколошката безбедност е неодвоив дел од современиот безбедносен концепт, а климатските промени, недостигот на вода, сушите, поплавите и шумските пожари бараат координиран одговор и заедничко дејствување.
Како важен пример ја издвои регионалната соработка во проширениот слив на реката Дрим. Укажа и на улогата на парламентите во следењето на спроведувањето на климатските политики, заштитата на водните ресурси и намалувањето на ризиците од природни непогоди, поврзувајќи ги превенцијата и подготвеноста со доброто владеење и заштитата на човековите права.
Муса порача дека Македонија ќе продолжи да ги унапредува еколошката безбедност, климатската отпорност и регионалната соработка, со доследно почитување и практична примена на меѓународното право.
Парламентарната одговорност беше тема и на сесијата за технолошкиот развој, која ја модерираше Моника Зајкова во својство на потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ. Дискусијата ги опфати влијанијата на вештачката интелигенција, автономните системи и дигиталните платформи врз општествата, демократските институции, човековите права и меѓународната безбедност, како и правните и институционалните механизми за нивно регулирање.
Зајкова се заложи за пристап кон технолошкиот развој во чиј центар се човекот, неговите права и безбедноста. Осврнувајќи се на активностите на ПС на ОБСЕ за вештачката интелигенција, побара транспарентно и одговорно регулирање, заштита на приватноста и спречување на злоупотребата на новите технологии. Според неа, меѓународното право мора да остане релевантно и ефикасно и при брзи технолошки промени, а парламентите треба да обезбедат демократски надзор, отчетност и одговорност при примената на технологиите.
Таа оцени дека технолошкиот развој влијае врз сите три димензии на пристапот на ОБСЕ кон безбедноста: политичко-воената, економско-еколошката и човековата. Затоа повика на посилна меѓународна и меѓупарламентарна соработка, навремено препознавање на ризиците, унапредување на дигиталната писменост и приспособување на законите и институциите кон новите технологии, со цел напредокот да ги зајакнува демократијата, мирот и безбедноста.
На дводневната конференција учествуваше делегација на македонското Собрание. Настанот го организираше ПС на ОБСЕ во соработка со Меџлисот, парламентот на Туркменистан, со повеќе од 100 учесници: пратеници од дваесеттина земји, меѓународни експерти и високи претставници на земјата домаќин и на ОБСЕ. Целта беше размена на мислења и искуства за улогата на парламентите во почитувањето и унапредувањето на меѓународното право, меѓусебната доверба, мирот и безбедноста.
Првата сесија беше посветена на суверената еднаквост, заедничките принципи и парламентарната дипломатија во почитувањето на меѓународното право. На отворањето се обратија претседателката на Меџлисот на Туркменистан, Дуњагозел Гулманова, претседателот на ПС на ОБСЕ, Микита Потураев, и генералниот секретар Роберто Монтела. Тие ја нагласија важноста на парламентарната дипломатија и меѓународната соработка за справување со современите предизвици, како и доследното почитување на меѓународното право како основа за дијалог, доверба и стабилност.
На завршната сесија беше упатена порака за продолжување на парламентарниот дијалог и соработката за унапредување на меѓународното право и справување со заедничките предизвици во регионот на ОБСЕ.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.