За социјална заштита се планирани 14,3 милијарди денари, посочи Лукаревска. Според нејзината споредба, тоа е за 2,2 проценти помалку од ребалансот за 2026 година и за 2,5 проценти помалку од реализацијата во 2025 година. Со инфлација од 3,2 проценти, таа го процени реалното намалување во однос на 2026 година на околу 5 проценти.
Лукаревска наведе стапка на сиромаштија од 21,9 проценти кај децата до 17 години, 29,5 проценти кај самохраните родители и 45 проценти кај семејствата со три или повеќе деца. Таа рече дека социјалните трансфери, без пензиите, ја намалуваат сиромаштијата за само 2,1 процентен поен и оцени дека социјалната политика не дава доволно резултати. Воедно изјави дека „секое трето дете“ живее под прагот на сиромаштија, тврдење што не се совпаѓа со наведената стапка од 21,9 проценти за децата до 17 години.
Наспроти социјалните издвојувања, за камати во 2027 година се планирани 24,9 милијарди денари, односно 18,2 проценти повеќе од ребалансот за 2026 година, рече Лукаревска. Таа ги спореди со 9,1 милијарда денари во 2021 година и посочи дека за шест години износот се зголемил речиси 2,7 пати. Според нејзината оценка, средствата за камати се речиси двојно поголеми од оние за социјална заштита.
Лукаревска го оспори и односот меѓу задолжувањето и инвестициите. Наведе дефицит од 45 милијарди денари, или 3,5 проценти од БДП, наспроти капитални расходи од 40,8 милијарди денари. Според неа, разликата од над 4 милијарди денари оди за тековна потрошувачка, а не за патишта, училишта и развојни проекти.
Во критиката за задолжувањето беа наведени буџетската проекција за јавен долг од 58,2 проценти од БДП на крајот на 2026 година и податокот на Фискалниот совет дека во јуни 2026 година долгот изнесувал 58,8 проценти. Советот укажува и на над 700 милиони евра неизмирени доспеани обврски на јавниот сектор. Лукаревска оцени дека задолжувањето и неговото сервисирање стануваат сѐ поголем товар за државата.
Таа рече дека предложениот буџет не ја спроведува најавената фискална консолидација, односно намалувањето на буџетската нерамнотежа. Во тој контекст наведе планиран раст на платите од 6,4 проценти и на пензиите од 4,8 проценти, наспроти препораката на Европската комисија за фискална консолидација и ограничување на растот на платите и пензиите во јавниот сектор.
Кај општините, Лукаревска предупреди на несразмер меѓу средствата што ги добиваат и трошоците за јавните услуги. Блок-дотациите, од кои се исплаќаат платите во училиштата, градинките и домовите за стари лица, според изнесените податоци номинално се намалуваат за 0,6 проценти, додека нето-платите се проектирани да растат за 6,7 проценти. Вкупните трансфери кон локалната самоуправа растат за 0,6 проценти.
Според Лукаревска, трошоците за истите услуги ќе растат побрзо од парите што Владата им ги префрла на општините, а последиците ќе ги почувствуваат учениците, децата во градинките, наставниците и другите вработени во јавните установи. Таа предупреди дека тоа може да остави помалку средства за материјални трошоци, одржување на училиштата и инклузивно образование, особено за децата со попреченост и ромските деца.
Во здравството, според податоците што ги изнесе, доспеаните неплатени обврски на општите болници, универзитетските клиники и здравствените домови достигнале 157 милиони евра, или близу 10 милијарди денари. За една година се зголемиле за речиси 80 милиони евра. Истовремено, таа посочи намалување на развојните средства кај Министерството за здравство и 155 милиони денари помалку за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи.
За образованието, Лукаревска се повика на анализа на Парламентарната буџетска канцеларија, според која средствата за Министерството за образование се намалени за 503 милиони денари, односно за 28,5 проценти во споредба со 2026 година. Таа предупреди и дека за 2027 година не е планирано отворање ниту едно ново средно училиште.
Критиката за финансирањето на реформите ја поткрепи со издвојувањата за владината програма „Јакнење на владеењето на правото“ од 1,35 милиони денари и за потпрограмата „Борба против корупција“ од 150.000 денари, односно околу 2.400 евра за цела година. Наведе и дека Државната комисија за спречување на корупцијата добива 1,9 проценти помалку средства од 2026 година, додека реализацијата на Антикорупциската стратегија е 23 проценти. Лукаревска побара соодветна финансиска поддршка за реформите и борбата против корупцијата, посочувајќи дека владеењето на правото е првиот услов за преговорите.
Наспроти овие намалувања, Лукаревска ги критикуваше зголемувањата за опрема, мебел, градежни објекти, договорни услуги и патни и дневни трошоци во одделни институции. Како примери наведе раст од 571 процент за други градежни објекти во Дирекцијата за заштита и спасување во споредба со 2025 година, 175 проценти за договорни услуги во Министерството за правда и 495,7 проценти за градежни објекти во Агенцијата за стокови резерви.
Кај Министерството за животна средина и просторно планирање таа посочи зголемување од 47 проценти на патните и дневните расходи. Оцени дека е нелогично ваквите трошоци да растат во институции во кои се намалуваат средствата за основните надлежности.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.