Костадиновска Стојчевска се повика на кажувањата на синдикатот за предлогот добиен од Владата и обвини дека повеќе од две години, наместо унапредување, се води борба против правата на културните работници. Според неа, власта продолжува со кратења и неисполнети ветувања наместо со развој и инвестиции.
Како пример за недостигот од основни услови за работа, таа ги посочи Центарот за култура и театарот во Битола, за кои рече дека немаат ниту греење ниту договор со доставувач. Поради тоа, според неа, не можат да набават нафта дури и ако им бидат префрлени средства за греење. Во критиката ги спомена и дополнителните пари за адвокати.
Пратеничката рече дека за реконструкција на Центарот за култура и театарот во Битола, како и за театарот во Прилеп, постојат готови проектни решенија, но не се реализираат. Меѓу најавените, а нереализирани капитални проекти ги наведе и центрите за култура во Штип и Куманово, театарот во Охрид, Универзалната сала, Плаошник и реконструкцијата на Музејот на Македонија. За дел од проектите, додаде таа, буџетите се намалуваат од година во година.
За капиталните дотации до општините, Костадиновска Стојчевска наведе намалување од 76,4% во однос на минатата година. Таа обвини дека две години нема објавени јавни повици и резултати, иако тоа е обврска на Министерството за култура, па не е јасно како се распределуваат парите предвидени во два последователни буџети. Таквото постапување го оцени како спротивно на Законот за култура и без утврдена одговорност.
Како посебен пример за застој го издвои старото училиште во Љубојно, кое треба да стане современ центар за негување на македонскиот јазик. Според неа, адаптацијата со години стои во место, а исплатите за завршените обврски одамна запреле. Таа потсети дека поранешниот министер во април најавил завршување до крајот на 2026 година и уверувал дека има пари, но оцени дека објектот сѐ уште е далеку од завршен.
Костадиновска Стојчевска го опиша и Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик како нефункционален, со само пет вработени. Наведе пет вработувања во две и пол години и едно преземање, неизработена стратегија и непознат број извршени инспекциски надзори. Осврнувајќи се на јавните несогласувања и тврдењата за негрижа за јазикот, таа ја обвини власта дека нема намера да обезбеди функционирање на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Во областа на културното наследство, пратеничката рече дека Владата нема стратегија за култура ниту нови закони за заштита на културното наследство и Охридскиот регион. Според нејзините наводи, со Предлог-буџетот Управата за заштита на културното наследство добива 6,8% помалку средства, а за Скопското Кале намалувањето е 88,6% во однос на минатата година. Таа оцени дека дополнителното кратење, по веќе намалените средства со вториот ребаланс, ја оневозможува Управата да ги извршува и основните функции.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.