Договорот го склучија претседателот на СМК, Тодор Петров, и претседателот на СОНЦЕ, Дамјан Искренов од Кочан. Двете организации ќе работат на заеднички проекти, ќе разменуваат мислења пред настапи во домашни и меѓународни органи, организации и заедници и ќе ги афирмираат македонските интереси.
Соработката опфаќа и унапредување на односите меѓу македонските заедници во светот, иницијативи за подобрување на билатералните и мултилатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, како и други задачи од заеднички интерес.
Петров и Искренов разговараа за надминување на разликите во читањето на историјата меѓу двете земји. Тие предложија македонско-бугарската билатерална соработка да продолжи по прашањата за кои постојат заемно разбирање и почитување, врз принципот на суверена еднаквост.
Двајцата претседатели изразија подготвеност за историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и за договори за траен мир и добрососедство со сите соседни држави. Како основа ги посочија заемното почитување, соработката по прашања од заеднички интерес, немешањето во внатрешните работи и реципроцитетот. Притоа се повикаа на Повелбата на Обединетите нации, наведувајќи го членот 1 како поткрепа за принципот на суверена еднаквост.
Меѓу целите на договорот се одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ, како и духовно, културно и економско обединување на Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и во светот. Организациите се обврзуваат да работат на трајно решение на македонското прашање и да го афирмираат семакедонското помирување и обединување.
Договорот предвидува заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор. Во целите се вклучени и човековите и граѓанските права и слободи, развојот на демократијата и афирмацијата на целите и задачите на ОН. Двете страни ги прифаќаат шеснаесетзрачното златножолто сонце на црвена основа и земскиот грб на Македонија како симболи на Македонците во светот.
Организациите ја задржуваат автономијата и самостојноста и се рамноправни во остварувањето на правата. Ќе преземаат само обврски што доброволно ќе ги прифатат од заеднички договореното, со првенствено морална одговорност за нивното исполнување. Ниту една страна не одговара за постапките на другата, ниту при остварување на сопствените цели ниту при спроведување на заедничките договори.
Со договорот СОНЦЕ го продолжи полноправното членство во СМК што го има од 2009 година. Друштвото е основано истата година во Кочан, во Пиринска Македонија, како Здружение на помаците во Бугарија за култура и евроинтеграција, а е регистрирано во Окружниот суд во Благоевград.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.