Филипче се повика на пораките од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кои, според него, потврдуваат дека европскиот пат на Македонија не ги загрозува идентитетот и јазикот. Тој оцени дека со тоа е побиена аргументацијата со која Мицкоски се претставува како заштитник на националните интереси.
Како поткрепа за својот став, Филипче ги посочи Преспанскиот договор, со кој, според него, е зачуван и потврден идентитетот, и договорот со Фронтекс, потпишан на македонски јазик. Тој тврдеше дека Мицкоски претходно ветувал поништување на Преспанскиот договор, но по доаѓањето на власт не го сторил тоа, туку го нарекол ремек-дело на дипломатијата.
Филипче го обвини Мицкоски и за промена на ставот за протоколите во однос на преговарачката рамка со ЕУ. Според претседателот на СДСМ, Мицкоски и неговата влада го кочат европскиот процес со тврдењето дека протоколите се дел од рамката, а сега велат дека не се. Тој тврдеше дека кочењето трае повеќе од четири години, од моментот кога требало да продолжат преговорите со ЕУ, и дека веќе е во петтата година.
При посетата на Фон дер Лајен на 2 октомври, според соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателката на Европската комисија истакнала дека местото на земјата е во ЕУ. Таа ја нагласила потребата од деблокада на напредувањето кон Унијата и изразила уверување дека спорот со Бугарија може да се надмине преку интензивни средби и дијалог.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.