Фон дер Лајен ја истакнала неопходноста од деблокада на напредувањето на Северна Македонија кон ЕУ и изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине со интензивни и сестрани средби и дијалог во духот на европските вредности. Според неа, тие треба да почнат што поскоро.
Таа оценила дека местото на Северна Македонија е во Унијата, која ќе продолжи сестрано да ја поддржува земјата на реформскиот и евроинтеграцискиот пат. Досегашните реформи ги оценила како импресивни.
Сиљановска-Давкова изразила благодарност за растечкиот интерес и посветеност на ЕУ кон регионот, издвојувајќи го придонесот на Фон дер Лајен во забрзувањето на регионалните евроинтеграциски процеси. Таа смета дека Северна Македонија, иако формално не е меѓу западнобалканските држави со најголем напредок, заслужува да биде со нив поради техничката подготвеност и геополитичката усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика.
Причината за отсуството на земјата од групата на најуспешните, според Сиљановска-Давкова, е давањето примат на наметнатиот билатерален спор пред копенхашките критериуми. Таа изразила уверување дека гарантирањето исти можности како за Украина и Молдавија ќе ја зајакне институционалната подготвеност, ќе ги обнови довербата и мотивацијата за европеизација и ќе го забрза реформскиот курс.
Сиљановска-Давкова потсетила и на потребата да се одржи политичка Меѓувладина конференција согласно новата методологија и Преговарачката рамка, како и редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Таа ја нагласила важноста од витален интеграциски процес што ќе донесе видливи резултати за македонските граѓани.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.