Повикувајќи се на Државниот завод за ревизија, Демократи наведуваат дека во периодот 2021–2024 година биле реализирани 20.946 мамографски прегледи преку организираниот скрининг, со опфат на целната популација од 0,8 до 5,4 проценти. Партијата, повикувајќи се на ревизорскиот извештај, наведува и дека 80 проценти од пациентките започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста. Според бројките што ги изнесува, во Македонија годишно се регистрираат меѓу 700 и 1.000 нови случаи на рак на дојка.
Демократи ја обвинуваат Владата дека, додека зборува за стратегии, реформи и модерно здравство, илјадници жени се оставени сами да се справуваат со болеста. Тврдат дека жените најчесто самите ги забележуваат промените, бараат лекар и второ мислење, а неретко плаќаат испитувања од сопствен џеб за да добијат дијагноза.
Партијата бара одговор кој ќе преземе одговорност за стратегијата за рана детекција, која ја оценува како неуспешна, и за жените што со месеци чекаат термин додека болеста напредува. Го поставува и прашањето зошто нема функционален систем за редовни мамографски прегледи, навремени резултати и итно упатување кај специјалист, како и зошто жените без пари за приватна болница мора да го ризикуваат своето здравје.
Како итни мерки, Демократи бараат целосно функционална национална програма за скрининг на рак на дојка со редовни и бесплатни мамографски прегледи, како и доволно термини и мамографски апарати во сите региони на државата.
За следење на пациентките бараат централизиран регистар што ќе го опфати целиот пат од првиот преглед, преку конечната дијагноза, до започнувањето на лекувањето. Бараат и јавно објавување на резултатите од скрининг-програмата, со бројот на прегледани жени, откриените случаи и времето на чекање.
Демократи повикуваат на независна проверка на досегашното спроведување на програмата и на утврдување одговорност за институционалните пропусти.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.