Отвореноста кон граѓаните опфаќа редовно информирање за активностите и одлуките на судовите, брифинзи со новинарите и комуникација преку социјалните медиуми. Покрај појасното информирање, судовите се заложуваат и за навремено одлучување по предметите во разумен рок, без неоправдано одолжување на постапките.
За поефикасно функционирање, декларацијата предвидува заложба за примена на современи системи за управување со предметите и дигитални алатки. Меѓу нејзините цели е и одговорна примена на современите технологии и вештачката интелигенција во заштитата на човековите права и владеењето на правото.
Во делот за независноста, судовите се заложуваат за зајакнување на непристрасноста и на професионалниот и личниот интегритет на уставните судии. Во декларацијата се нагласува дека јавната доверба е основен предуслов за авторитетот и легитимитетот на уставните судови и дека се гради со независно, непристрасно и професионално одлучување, како и со квалитетно образложени одлуки засновани на Уставот.
Документот едногласно го усвоија претседателите и претставниците на уставните судови на Македонија, Албанија, Бугарија, Косово, Црна Гора и Турција, кои се полноправни членки на Форумот на балканските уставни судови.
На годишниот состанок учествуваа и претставници на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој во Форумот има статус на набљудувач. Присуствуваа и претставници на судови од Европа, Азија и Африка, како и на меѓународни судски институции и организации.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.