Преку информацискиот систем се обезбедуваат услуги и се разменуваат податоци со здравствени установи, осигуреници, обврзници и договорни субјекти. Неговата сигурност, достапност и зачувувањето на интегритетот на информациите се значајни за непречено функционирање на услугите од здравственото осигурување.
Фондот воспоставил и секундарна локација за продолжување на работата при прекин на примарниот ИТ систем. Сепак, ревизорите утврдиле дека плановите и процедурите за континуитет на работењето и обновување по инциденти треба дополнително да се унапредат и соодветно да се тестираат. ДЗР укажува дека, со растечката зависност на јавните услуги од дигиталните системи, институциите треба да имаат механизми за навремено спречување, откривање и надминување на потенцијални прекини, како и за заштита и успешно обновување на податоците.
Ревизорите утврдиле и ограничени кадровски капацитети во Секторот за информатика. Во опфатениот период од 2023 до 2025 година биле пополнети само седум од 42 систематизирани работни места, односно 16,67 проценти. Проверката опфатила и период пред и по завршувањето на ревизијата, до изготвувањето на извештајот.
Непополнета останала и позицијата „Офицер за сигурност на информациониот систем“. Нејзините задачи се поврзани со управувањето со безбедносните политики, следењето на системите, заштитата на базите на податоци и координацијата на безбедносните активности.
Во јули 2023 година, 556 од вкупно 830 вработени завршиле основна онлајн обука за сајбер безбедност. Но, во понатамошниот период немало други континуирани обуки и активности за информациска безбедност. Не биле спроведени ниту симулации со лажни фишинг пораки за проверка дали вработените можат да препознаат сајбер напади.
Недостатоци се утврдени и во одржувањето на системот. Анализата на осум клучни договори за ИТ услуги во периодот од 2023 до 2025 година покажала временски празнини во договорната покриеност, односно периоди без обезбедени услуги за одржување и поддршка. До завршувањето на ревизијата не било спроведено ниту пенетрационо тестирање на целиот информациски систем, односно проверка за откривање потенцијални слабости во неговата заштита.
ДЗР ја спровел проверката како ревизија на успешност на информациските системи, за да утврди дали Фондот има ефективни безбедносни мерки и контроли. Утврдени се слабости во стратешкото и оперативното управување со ИТ, проценката и управувањето со безбедносните ризици, политиките и процедурите, техничките ресурси, како и во управувањето со пристапите и проверката на идентитетот на корисниците.
Препораките се насочени кон отстранување на причините за слабостите и потенцијалните ризици. Ревизорите укажуваат дека информациската безбедност треба да се третира како постојан процес на управување со ризици, со планирање, превенција, редовно одржување и надградба на системите, развој на кадарот и подготвеност за инциденти. Со спроведувањето на препораките се очекуваат поголема сигурност и отпорност на системите, подобра заштита на информациите и непречено обезбедување на услугите.
Вршителот на должност директор на Фондот на 26 октомври 2026 година доставил до ДЗР акциски план за постапување по наодите и препораките од Конечниот извештај за ревизијата за 2024 година. Планот, заведен на 21 октомври 2026 година, ги наведува активностите што ќе се преземат, одговорните лица и периодите за спроведување. Тој е составен дел од соопштението на ДЗР.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.