Флере, професор емеритус по социологија на Универзитетот во Марибор, Словенија, го одржа централното пленарно предавање „Nationalist Fabulations in History Textbooks from Yugoslav Republics and Their Successors“. Преку споредбата на учебниците ги разгледа врските меѓу историјата, колективната меморија, националните идентитети и современите општествени промени.
На овие прашања се надоврза сесијата за идентитетот, историјата, меморијата и градењето на нацијата. Трудовите ги опфатија културното наследство, историските процеси, националните историски наративи, дигиталното зачувување на културната меморија, развојот на социологијата и современите пристапи во етнологијата и антропологијата. Значаен дел беше посветен на младите: нивните вредности, етничката дистанца, политичкото учество, намерите за миграција и менувањето на националните, европските и транснационалните идентитети.
Во научната програма беа вклучени 42 труда од автори од академски и истражувачки институции од десет држави. Четирите тематски сесии беа организирани во два паралелни програмски блока, со учество во живо и онлајн. Заедно со членовите на Меѓународниот научен комитет, академската мрежа на конференцијата опфати тринаесет држави.
Општествените трансформации, вклучително миграциите и демографските промени, беа разгледувани од социолошка, политиколошка, правна, историска, организациско-управувачка и културолошка перспектива. Дигитализацијата беше една од темите што ги поврзаа истражувањата за секојдневниот живот со оние за институциите и правото.
Во сесијата за дигитална трансформација, комуникација и организации беа претставени трудови за примената на вештачката интелигенција во професионалната комуникација, дигитализацијата на управувањето со човечките ресурси, организациските компетенции и развојот на институционалните капацитети. Се разгледуваа и менталното здравје во дигитализираното општество, професионалната етика, довербата во институциите и општествената соработка.
Правните и етичките предизвици од развојот и примената на вештачката интелигенција беа обработени и во сесијата за институции, право, одржлив развој и вештачка интелигенција, заедно со технолошкиот суверенитет и заштитата на човековите права при забрзана дигитална трансформација. Дискусиите ги опфатија демократското управување, изборните процеси, уставното судство, социјалните и економските нееднаквости, заштитата на животната средина, одржливиот развој и институционалните капацитети.
Посебна сесија беше посветена на религијата, секуларизацијата и општествената трансформација. Истражувањата ја разгледуваа улогата на верските учења во општествените промени, религиската социјализација, односите меѓу религијата и државата и пренесувањето на религиските вредности меѓу генерациите. Беа опфатени и промените во религиските институции и практики, религијата како извор на колективен идентитет, солидарност и поврзаност, како и влијанието на современите технологии врз религискиот живот.
На отворањето се обратија директорот на Институтот, проф. д-р Петар Атанасов, проректорката за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, и претседателката на Организацискиот одбор, проф. д-р Ружица Цацаноска. Тие се осврнаа на шестдецениската научноистражувачка и академска работа на Институтот и неговиот придонес во општествените науки, нагласувајќи ја потребата од натамошна институционална и меѓународна научна соработка за одржлив општествен развој.
Учесниците разменија теоретски пристапи, емпириски сознанија и истражувачки искуства, а беа обновени постојни и воспоставени нови академски контакти со потенцијал за идна соработка. Пред конференцијата беше објавена Книга на апстракти со прифатените научни придонеси, а предвидена е и подготовка на конференциски зборник на научни трудови.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.