Ископувањата ги спроведуваат Центарот за археологија на Медитеранот при Универзитетот во Варшава и суданската Национална корпорација за антиквитети и музеи. Во претходната сезона тимот открил монументални скалила што водат во црквата; ѕидовите покрај нив сѐ уште се високи околу 11 метри.
Според првичните процени, градбата била широка околу 47 метри и долга 57 метри, а можно е да достигнувала висина од 21 метар. Во помала црква изградена на горниот кат се пронајдени грчки химни испишани врз малтерот, меѓу кои и Молитвата на Ана, мајката на пророкот Самоил. Буквите се високи само половина сантиметар.
Досега е ископан само мал дел од црквата, па нејзините димензии сѐ уште се процена. Во написот на Д. Радли за „Archaeology News Online Magazine“ се наведува дека војната во Судан ја забавила работата, иако самото наоѓалиште не било зафатено од војната. Тимот се надева дека следната сезона ќе ја утврди целосната големина, а планира да ја ископа целата градба.
Директорот на експедицијата, Артур Облуски, смета дека црквата веројатно влијаела врз црковната архитектура низ Нубија, а можеби и во други делови на Африка. Откритието го отвора и прашањето дали е точна досегашната претпоставка дека друга црква надвор од градските ѕидини била катедралата на Донгола.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.