Милевски посочи дека учениците учествуваа и на четири меѓународни натпревари. Тој ги оцени постигнувањата како потврда за нивното знаење, амбиција и посветеност, но и за квалитетот на наставната работа.
Во обраќањето се осврна и на започнатата примена на новите наставни програми во гимназиското образование. Според изнесеното, тие отвораат простор за современи образовни пристапи и нови методи на работа, со поголема поврзаност на наставата со потребите на современото општество.
Во изминатиот период во гимназијата се обновени кабинетите по биологија и хемија, а спортската сала е целосно реконструирана. Овие зафати беа посочени како придонес кон подобрувањето на условите за учење, работа и развој.
Зборувајќи за патронот, Милевски го истакна значењето на Добри Даскалов за историјата на Тиквешијата и порача дека почитувањето на традицијата носи одговорност таа да се продолжува и надградува. Како мисија на училиштето ги наведе создавањето знаење, поттикнувањето критичко размислување и образувањето генерации подготвени активно да придонесуваат во општеството.
Директорот нагласи дека угледот на училиштето се гради со долгогодишна работа, професионалност и високи образовни стандарди, а секоја генерација наставници и ученици има удел во неговиот развој. Целта, според Милевски, е гимназијата да остане препознатлива по квалитетот на образованието, ученичките постигнувања и вредностите што ги негува.
На одбележувањето присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на Советот на Општина Кавадарци, претставници на семејството на Добри Даскалов, поранешни и сегашни вработени, родители и ученици. Патрониот празник заврши со културно-уметничка програма подготвена од учениците и наставниците на гимназијата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.