Во дискусијата учествуваа Дорина Ѓорчева Митровска, проектен координатор во Македонскиот центар за граѓанско образование, Марија Ристеска, претставничка на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, и доц. д-р Фики Гаспар, професор на МИТ Универзитет. Фокусот беше заштитата на младите на интернет, подигнувањето на свеста за последиците од сајбер насилството и поттикнувањето меѓусебна почит во дигиталниот простор.
Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, предупреди дека навредите, исмејувањето и исклучувањето на интернет често остануваат невидливи за возрасните, но оставаат длабоки последици кај младите. Таа ги повика младите да им бидат поддршка на своите врсници и нагласи дека спречувањето на насилството бара заедничко дејствување на институциите, семејствата и граѓанскиот сектор. Општината, преку Советот за превенција на детско престапништво, е партнер на училиштата во таа работа.
Учениците од ООУ „Кузман Шапкарев“ подготвија програма со пораки за другарство, емпатија и меѓусебно почитување. Како пример за активната улога на младите, Стаменкоска Трајкоска го посочи и учеството на ученици од Кисела Вода на филмскиот фестивал „Киненова“, каде што се претставиле со сопствен филм против булингот, изработен со поддршка од режисер.
Трибината ја организираа Општина Кисела Вода и Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, во соработка со ООУ „Кузман Шапкарев“. Таа е дел од пошироките активности на локалната самоуправа против врсничкото насилство.
Општина Кисела Вода најави дека ќе продолжи со слични едукативни активности во сите училишта на својата територија, со цел создавање безбедна средина за развој на секое дете.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.