Полициски службеници од Полициската станица Делчево разговараа со граѓаните на Градскиот пазар и на повеќе места во централното градско подрачје. Целта на средбите беше подигнување на свеста за препознавање и спречување телефонски измами.
Полицијата предупредува дека се добиени индиции за телефонски измами во регионот, при кои лица се обидуваат да изнудат поголеми суми пари, особено од повозрасни граѓани. Повикувачите најчесто се јавуваат од странски телефонски броеви на фиксни телефони и лажно тврдат дека близок член на семејството доживеал несреќа, е во болница и итно му се потребни пари.
Предупредувањето е упатено до жителите на Делчево и Македонска Каменица. Советот е да не им даваат пари на непознати лица и добиените информации да ги проверат преку директен контакт со членовите на семејството. Секој сомнителен повик треба веднаш да го пријават на 192 или 112, или во најблиската полициска станица. Полицијата апелира граѓаните да ги предупредат и своите родители, роднини и соседи.
Во одделна превентивна активност на 13 ноември, полициски службеници од ОВР Ресен во градот и на неговите излези им делеа едукативни летоци на возачите на моторни возила. Летоците беа изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со пораки за одговорно возење во зимски услови и почитување на законските прописи.
Во непосредните разговори, полицајците ги потсетија возачите на правилата за безбедно управување со возилата, особено на обврската брзината да ја прилагодат на условите на патот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.