Темата на размената беше „What happens when I use energy“, со акцент на тоа како се користи енергијата, како може да се штеди и како да се избегне штетното влијание врз животната средина. За работилницата со макети, учениците добија различни материјали и беа поделени во групи по држави, со задача да осмислат што е можно еколошки поразвиен град.
Штедењето енергија го обработуваа и преку секојдневните навики во кујната. Професорите по готвење во училиштето им дадоа совети за користење на електричните апарати, а учениците готвеа тесто завиткано околу стапче и учеа како да зготват јајце со помош на портокал.
Програмата опфати и примери за користење енергија и ресурси надвор од училиштето. Во Авеиро видоа хидроцентрала, а во трговски центар добија објаснувања како се штеди енергија во толку голем објект. Посетија и фабрика за биодизел, каде што водичите им објаснија како во нивниот град ги користат ресурсите за подобра животна средина.
Заедно со охридските гимназијалци учествуваа ученици од Романија, Шпанија, Турција, Португалија и Латвија. Уште првиот ден групите ги претставија своите држави. Од охридското училиште учествуваа и професорката Вера Јовческа, координаторка на проектот, и директорката Светлана Велкоска.
Учесниците од охридската гимназија ја опишаа размената како можност за споделување знаења и идеи, запознавање со развојот во други држави и создавање нови пријателства. Според нивното искуство, разговорите и практичните активности им помогнале да разберат како поодговорно да ја користат енергијата и да придонесат за заштита на околината.
Патувањето вклучи и посети на културно-историски места. Во Коимбра го посетија најстариот универзитет во градот, каде што се запознаа со дел од португалската историја и културно наследство. Во Авеиро пловеа со мало бротче по река и го видоа Атлантскиот Океан.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.