Возилото располага со медицинска опрема за згрижување и следење на здравствената состојба на пациентите. Според Општина Гевгелија, со него се очекуваат поквалитетна здравствена услуга и поголема функционалност при медицинските транспорти.
Набавката е реализирана преку Програмата за прекугранична соработка со Грција, во партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион и гевгелиската болница.
Гевгелиското возило е дел од проектот „HEART SAFE CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart“, преку кој нови, целосно опремени амбулантни возила добија и здравствените домови во Струмица, Радовиш и Валандово. Проектот се спроведува преку програмата Interreg VI-A IPA Македонија – Грција 2021–2027.
Финансиската поддршка за проектот е од Европската Унија и националните фондови. Покрај Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, партнери се Универзитетската болница АХЕПА од Солун и Здружението за итна предболничка нега на Грција.
На примопредавањето присуствуваа градоначалникот Андон Сарамандов, претседателката на Советот на Општина Гевгелија, Анета Стамкова, директорот на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, Јован Коцев, и директорот на болницата, Патрик Матх.
Сарамандов ја оцени инвестицијата како конкретна придобивка од европските фондови и институционалната соработка. Тој истакна дека очекува таа да придонесе за навремена и поквалитетна медицинска помош за граѓаните, како и за подобри услови за работа на медицинскиот персонал.
Градоначалникот најави дека Општината ќе продолжи да ги користи можностите за финансирање преку европските фондови и програмите за прекугранична соработка со соседните држави.
Како примери од досегашната соработка со Грција и Бугарија, Сарамандов ги наведе реконструкцијата на Старото училиште во село Серменин, изградбата на новиот парк во Гевгелија на површина од 20.000 квадратни метри и уредувањето на конференциската сала во Пионерскиот дом. Овие проекти се реализирани или се во тек.
Според Општината, преку истите програми поддршка добија и проектите за набавка на електрично возило за лица со попреченост, поставување фотоволтаична централа во ООУ „Крсте Мисирков“ и инсталирање електричен полнач со моќност од 120 kW.
Во здравствената заштита се обезбедени и два дефибрилатора за потребите на здравствените установи и јавните локации, како и нов ЕКГ-апарат.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.