Поводот за дискусијата се и фемицидите во земјава. Кураторката и модераторка Сузана Милевска го отвора прашањето дали една феминистичка изложба може да остане само на разговор за уметничките дела и местото на авторките во историјата на уметноста, додека жените се соочуваат со насилство. Затоа, средбата ќе се насочи кон можностите за соработка меѓу уметноста и активизмот во менувањето на општествените односи што овозможуваат злоупотреба и потиснување на жените.
Во разговорот ќе учествуваат Салија Беќир-Халим од Иницијативата на жените од Шуто Оризари, истражувачката и писателка Мања Величковска од Коалицијата Маргини, културната теоретичарка Искра Гешоска, уметницата и претседателка на ДЛУМ Јана Манева-Чупоска и независната истражувачка и активистка Ирена Цветковиќ.
Изложбата, која трае до 23 ноември, обединува дела на Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Манева-Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Покрај нив, претставени се фотографии, текстови, уметнички книги, документи и видеопроекции од феминистичкиот микроархив на Милевска, создаван низ нејзината тридецениска кураторска работа.
Посебно место има делото „Женска книга“ на Лилјана Ѓузелова, на која ѝ е посветена изложбата. Проектот ги поврзува уметничкото творештво, личното искуство и борбата за еднакво учество на жените во културниот и јавниот живот.
Ова е деветтото издание на проектот „Фемина 8“, започнат во 2015 година од Јана Манева-Чупоска. Годинашното издание е дел од програмата за 80-годишнината на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, со поддршка од Министерството за култура и туризам.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.