Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема

Учесници од пет земји го разгледуваат делото на Мисирков, 100 години по неговата смрт

Фотографија од настанот · Институт за старословенска култура Прилеп
Фотографија од настанот · Институт за старословенска култура Прилеп
  • Посебно место има преводот на Ошлис на „За македонцките работи“, со детали за неговото издавање и печатење.
  • Институтот за старословенска култура - Прилеп годинава првпат е меѓу организаторите на Мисирковите денови.
  • На отворањето се обрати и директорот на прилепскиот институт, проф. д-р Александар Василески.

Делото и времето на Крсте Петков Мисирков се во средиштето на меѓународна научна конференција со учесници од пет земји, во рамките на третите Мисиркови денови. Манифестацијата беше отворена вчера во Македонската академија на науките и уметностите и е посветена на 100-годишнината од смртта на Мисирков (1874–1926).

Конференцијата „Славистиката и македонистиката: историски и современ дискурс“ се одржува на 16 и 17 ноември, со учесници од Македонија, Украина, Србија, Русија и Унгарија. Осумте сесии, покрај делото и времето на Мисирков, ги опфаќаат развојот на славистиката и македонистиката и научните врски на Македонија со светот.

На повеќе сесии во текот на двата дена присуствуваа и педесетина ученици од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, заедно со професорката Јулија Ликоска-Угриноска.

Меѓу учесниците беше и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, кој го претстави трудот „Македонистот Волф Ошлис“. Во него ги разгледува ставовите на германскиот славист, македонист и политиколог за историјата на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и културната посебност, како и за делото на Крсте Мисирков и Блаже Конески. Посебно место има преводот на Ошлис на „За македонцките работи“, со детали за неговото издавање и печатење.

Ошлис од 1975 година редовно доаѓал на Летната школа во Охрид, чие работење Јованоски го следи како новинар и публицист од 1984 година. Трудот се потпира на медиумски изјави и интервјуа на Ошлис, но и на личните сознанија и контакти на авторот со него. Јованоски раскажа и дека Ошлис, кој почина неодамна, во својот дом чувал историски карти на Германија на кои била претставена и Македонија.

За денес, по завршните сесии, беа најавени промоции на две книги: „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ од проф. д-р Ганка Цветанова и „Окружението на Мисирков“ од проф. д-р Димитар Пандев.

Институтот за старословенска култура – Прилеп годинава првпат е меѓу организаторите на Мисирковите денови. Манифестацијата ја организира заедно со Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за македонска литература.

На отворањето се обрати и директорот на прилепскиот институт, проф. д-р Александар Василески. Координаторки на манифестацијата се проф. д-р Лилјана Гушевска и проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска.

Имате дополнителна информација или забелешка за текстот? Контактирајте ја редакцијата.

Коментари (0)

Коментарите за оваа објава се затворени.