Каталогот „Документи што зборуваат на допир“ содржи избрани документи, скици и географски карти приспособени на Брајово писмо. Директорот на Државниот архив, Димитар Богески, зборуваше за публикацијата во емисијата „Здраво Македонијо“.
Во каталогот се опфатени содржини од најстарите пишани траги, вклучувајќи го Евангелието според светиот апостол Лука од XII век, до Балканските и Светските војни. Застапени се и старословенски и црковнословенски ракописи, османлискиот период, како и просветителското и револуционерното дело.
Меѓу наведените документи се Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните од 2 август 1944 година, документи за приемот на државата во Обединетите нации во 1993 година и за визната либерализација од 2009 година.
Државниот архив ја истакнува важноста на еднаквиот пристап до културното наследство и можноста архивските содржини да стигнат до поширока публика. Во реализацијата придонело и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, а Архивот ѝ се заблагодари на директорката Александра Јаковчевска за поддршката и соработката.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.