На надморска височина од 1.013 метри, на територијата на денешната општина Старо Нагоричане, археолозите пронашле остатоци од организирана човечка активност стара речиси четири илјади години.
Првичните археолошки ископувања откриле голем број фрагменти од керамички садови, фигурини, алатки, оружје и предмети од бронзеното време. Меѓу најстарите пронајдени предмети се оние што датираат од XIX век пред нашата ера.
Истражувањата покажале дека локалитетот бил користен во период подолг од еден милениум, што сведочи за неговото исклучително значење за праисториските заедници кои ги населувале овие простори.
Посебно внимание кај археолозите привлекле природните пукнатини во карпите, во кои биле пронајдени остатоци од керамички садови и други предмети со обредна намена. Се претпоставува дека на ова место се изведувале религиозни обреди поврзани со плодноста, природата и култот кон Големата Богинка Мајка.
Дополнителна димензија на откритието му дале истражувањата на македонскиот археоастроном Ѓоре Ценев, кој во карактеристичните карпести формации препознал можни астрономски маркери за следење на движењето на Сонцето и Месечината.
Според неговите истражувања, древните жители ги користеле природните и дополнително обработените карпести формации за определување на летната долгоденица, зимската краткоденица, рамнодениците и одредени лунарни циклуси.
Иако астрономската функција на локалитетот и натаму е предмет на научни дискусии, неговото археолошко и културно значење е неспорно.
Во 2005 година Кокино добило и меѓународна промоција, откако американската вселенска агенција НАСА го вклучила во едукативен материјал посветен на древните астрономски опсерватории. Во 2009 година Македонија го предложила локалитетот за впишување на Листата на светското наследство на УНЕСКО.
Во изминатите две и пол децении, Кокино прерасна во една од најпрепознатливите археолошки и туристички атракции во Македонија, привлекувајќи посетители, научници, археолози и љубители на астрономијата од целиот свет.
По повод големиот јубилеј, Националната установа Музеј Куманово годинава организира повеќе културни и научни настани. Од 18 до 20 ноември ќе се одржи третата меѓународна научна конференција посветена на Кокино, со најавено учество на триесетина истражувачи од Македонија, Франција, Италија, САД, Грција, Бугарија, Србија и Косово. Во рамките на јубилејната програма е предвидена и ретроспективна изложба посветена на 25-годишните археолошки истражувања.
Четири милениуми по неговото создавање и четвртина век по неговото археолошко откривање, Кокино останува едно од највредните сведоштва за праисториското минато на Македонија, предмет на научен интерес и културно наследство со кое Кумановскиот регион со право се гордее.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.