348 вести · 24 ч.
Берово 8°
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема

Компанија на милионери: Антропик излезе на берза, речиси сите вработени имаат акции вредни над милион долари

  • За околу 600 вработени, вредноста на нивните удели надминува дури 100 милиони долари.
  • Антропик вчера ја реализираше најголемата иницијална јавна понуда во историјата.
  • Милионските удели не се резервирани само за основачите и врвните инженери.

Излегувањето на Антропик на берза донесе милионско богатство за речиси целиот колектив на компанијата што го развива асистентот со вештачка интелигенција Клод. Околу 5.100 вработени, односно 96 отсто од персоналот, поседуваат акции вредни над еден милион долари, според процените на платформата за тргување со приватни акции Hill.

За околу 600 вработени, вредноста на нивните удели надминува дури 100 милиони долари. Проценките се направени според почетната цена од 83 долари за акција, со која компанијата го започна берзанското деби. Станува збор за проценета вредност на акциите што ги поседуваат, која се менува со берзанската цена.

Антропик вчера ја реализираше најголемата иницијална јавна понуда во историјата. Со понуда од 980 милиони акции по цена од 83 долари, компанијата прибра над 81 милијарда долари, надминувајќи го рекордот што СпејсЕкс го постави во јуни. Берзанското деби ја вброи меѓу малкуте компании чија вредност се мери во илјадници милијарди долари.

Милионските удели не се резервирани само за основачите и врвните инженери. Антропик доделувал акции и опции за акции и на административниот и помошниот персонал. Токму затоа, дел од луѓето што се приклучиле рано, дури и на почетни работни позиции, можеле да стекнат поголемо богатство од раководители вработени непосредно пред излегувањето на берза.

Основана во 2021 година, компанијата брзо се проширила заедно со побарувачката за вештачка интелигенција. Од околу 940 вработени на крајот од 2024 година, стигнала до приближно 5.300 до крајот на септември годинава. Уделите во компанијата биле важен дел од понудата со која привлекувала кадар.

Сепак, вработените не можат веднаш да го претворат целото богатство во готовина. За оние што не се основачи, условите дозволуваат продажба на најмногу 10 отсто од уделите на првиот ден на тргување, а уште до 35 отсто по објавувањето на резултатите за фискалната 2026 година. Конечната заработка зависи и од даноците, трошоците за искористување на опциите и цената по која ќе ги продадат акциите.

Имате дополнителна информација или забелешка за текстот? Контактирајте ја редакцијата.

Коментари (0)

Коментарите за оваа објава се затворени.