Дирекцијата, основана во рамки на Управата за јавни приходи пред две децении, според министерката, била значајна реформа во даночната администрација. Специјализираниот пристап кон најголемите даночни обврзници овозможува непосреден и континуиран контакт со компаниите, подобро разбирање на нивното работење, навремена комуникација и поефикасно управување со даночните обврски.
Задачите на Дирекцијата се ефикасна и навремена наплата на јавните приходи и доследна примена на даночните правила, но и професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување за компаниите. Димитриеска-Кочоска рече дека стабилниот и предвидлив даночен систем им е важен на компаниите при долгорочни одлуки за инвестиции, вработувања и проширување на производството.
Проектот Е-фактура започна да се спроведува во Управата за јавни приходи и е дел од дигиталната трансформација на јавните финансии. Министерката очекува проектот да ги поедностави и забрза процесите, да го намали административниот товар и да ја зголеми сигурноста, следливоста и ефикасноста во работењето.
Осврнувајќи се на средствата од унгарската Експорт-импорт банка, министерката рече дека тие се пласираат во македонската економија под поволни услови и ги охрабриле компаниите да влезат во инвестициски циклус од близу 300 милиони евра. Таа посочи дека Министерството за финансии продолжува да ја унапредува даночната регулатива и да ја усогласува со меѓународните и европските даночни стандарди. Законот за минимален глобален данок на добивка е усвоен, а Министерството работи на измени на Законот за даночна постапка за воведување жалбена постапка како правен лек против секој управен акт.
Димитриеска-Кочоска рече дека модернизацијата на даночниот систем не значи зголемување на даночниот товар, туку градење поефикасни институции во служба на граѓаните и бизнисот. Таа посочи дека се останува на концептот на рамен данок, кој, според неа, обезбедува предвидливост за компаниите и стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.