Предлог-законот предвидува дополнителни субвенции по килограм произведено и по хектар земја. Филипче предупреди дека земјоделците стравуваат оти следната година нема да можат да го продолжат производството поради недостиг на средства за вложување.
Според Филипче, сточарите, лозарите, оризарите, јаболкопроизводителите и млекопроизводителите на средбите се жалат на ниски откупни цени, намалени субвенции и зголемени трошоци за производство. Тој рече дека земјоделците годинава земале кредити што не можат да ги вратат и се на работ на сиромаштијата, а го критикуваше и Мицкоски, оценувајќи дека глуми голем патриот.
Филипче оцени дека грижата за животниот стандард и егзистенцијата треба да има предност пред историските теми, како разговорите за моштите на цар Самуил од пред повеќе од илјада години. Според него, граѓаните тешко врзуваат крај со крај, платите не им се доволни за да ги прехранат семејствата, а куповната моќ е исклучително ниска. Тој оцени и дека храната е поскапа отколку во Германија.
Филипче порача дека владата треба да работи на добрососедските односи и на подобрување на условите за живот. Тој потсети дека, според него, власта двапати го одбила предложеното зголемување на минималната плата, а не го поддржала ниту предлогот откупната цена на грозјето да се зголеми за три денари по килограм.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.