Цевководот со Грција е подготвен и за транспорт на водород. Паралелно се работи на гасно поврзување со Србија, со цел пристап до регионалните пазари и дополнителни извори на снабдување. Божиновска оцени дека монополот не е добро решение, особено за земја без излез на море. Регионалната соработка ја постави како врвен приоритет, бидејќи, според неа, ниту една земја не може да обезбеди долгорочна енергетска сигурност без регионални пазари и инфраструктурни врски.
Поврзувањата ги опфаќаат и електричната енергија и нафтените деривати. Се преземаат активности за електроенергетско поврзување со Албанија, а продуктоводот за транспорт на нафтени деривати со Грција повторно почна да работи годинава, по 12 години неактивност. Министерката неговото враќање во функција го оцени како значаен чекор кон обезбедување различни правци на снабдување.
За енергетските инвестиции предизвик се и долгите рокови за набавка на клучната опрема и тешкотиите во синџирите на снабдување. Божиновска наведе пример со инвеститор заинтересиран за изградба на гасна турбина, кој го добил првиот достапен термин за испорака дури во 2032 година.
Според неа, новите инвестиции уште при планирањето мора да ги земат предвид технолошките промени, резервните системи и новите ризици, особено со брзиот развој на вештачката интелигенција, податочните центри и енергетските технологии. Случувањата во Украина и последните геополитички настани ги посочи како лекција за потребата од резервни решенија и поголема регионална соработка, во услови кога енергетската инфраструктура станува сѐ позависна од технологијата.
Заштитата на таа инфраструктура, оцени Божиновска, бара поинаков пристап кон планирањето и управувањето поради сајбер-нападите и заканите од дронови. Таа нагласи дека државите треба да ги креираат политиките и законодавството, а приватниот сектор да ги спроведува, со соработка во која ќе се слушнат инвеститорите и истовремено ќе се заштити критичната инфраструктура. Со зголемувањето на овие закани, според нејзината оценка, механизмите за консултации и координација во НАТО ќе добиваат сѐ поголемо значење.
Божиновска зборуваше на првиот панел на седмиот состанок на „P-TEC“, посветен на европската енергетска безбедност, отпорноста на критичната инфраструктура и диверзификацијата на снабдувањето. Учествуваа и литванскиот министер за енергетика Лукас Савицкас, Пјер Бешелани од „Fluor“ и Роџер Мартела од „GE Vernova“. Модератор беше Бенџамин Шмит од Универзитетот во Пенсилванија.
Состанокот во Варшава обединува владини претставници, меѓународни институции и лидери од енергетскиот сектор од Европа и САД, со фокус на енергетската безбедност, стратешката инфраструктура, различните извори на снабдување и трансатлантската енергетска соработка.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.