Јанкуловски истакнал дека јавниот интерес треба да биде во центарот на одлуките за јавните средства, од нивното планирање и собирање до трошењето, известувањето и ревизијата. Според него, важни се начинот на кој се донесуваат одлуките, транспарентноста на трошењето, контролата и отчетноста пред граѓаните.
Тој ја посочил улогата на Министерството за финансии во заштитата на Буџетот и парите на граѓаните, како и во воспоставувањето механизми за нивно ефикасно и одговорно користење. Јанкуловски рекол дека Министерството гради систем за борба против корупцијата преку соработка со други субјекти што работат во оваа област и усогласување со европската регулатива.
Меѓу реформите во управувањето со јавните финансии ги навел новиот Закон за буџети, фискалното известување преку месечни, квартални, полугодишни и годишни извештаи, регистрите на јавни субјекти и буџетските класификации. Во списокот се и Изјавата за фискалната политика, среднорочното буџетско планирање, фискалните правила и воспоставувањето на Фискалниот совет.
Министерството објавува податоци за извршувањето на Буџетот секојдневно, како и месечни и квартални извештаи. Преку порталот „Отворени финансии“ граѓаните можат да добијат информации што и колку потрошила секоја институција. Јанкуловски нагласил дека фискалната транспарентност треба да обезбедува навремени, разбирливи и достапни информации, а не да биде само законска обврска.
На конференцијата се осврнал и на унапредувањето на внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор и на новата Методологија за управување со ризици кај јавните субјекти, која го уредува и управувањето со корупциските ризици. Министерството наведува дека Европската комисија ја оценила како целосно исполнета активноста од Реформската агенда поврзана со оваа област.
За јакнење на соработката, Министерството за финансии потпишало меморандум со Државниот завод за ревизија, а во тек се активности за подготовка и потпишување меморандум со Државната комисија за спречување на корупцијата. Јанкуловски ја истакнал независната ревизија како важна за утврдување слабости и подобрување на системите, а за ефикасно спречување на корупцијата ги посочил координацијата меѓу институциите и јасните правила, механизми и контроли.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.