Втората меѓународна конференција „Патишта кон мирот“ се одржа на 28 и 29 септември во Торонто, Канада. Ја организирале Канада, Украина и Норвешка, а собрала високи претставници од околу 70 држави и 10 меѓународни организации. Целта била да се зајакнат меѓународната координација и конкретната поддршка за враќање на украинските деца, притворените цивили и воените заробеници.
Палашевски повикал и на заедничко дејствување и интензивирање на политичкиот и дипломатскиот притисок, за прашањата да останат високо на глобалната агенда. Според Министерството, тој рекол дека Северна Македонија продолжува да ги истакнува во мултилатералната арена, особено преку членството во Советот за човекови права на ОН. Палашевски оценил дека заедничкото адресирање на овие прашања е важна компонента за постигнување праведен, траен и одржлив мир во Украина.
На маргините на конференцијата, Палашевски се сретнал со заменик-премиерката и министерка за надворешни работи на Грузија, Мака Бочоришвили, министерката за надворешни работи на Канада, Анита Ананд, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, министерот за Украина на Обединетото Кралство, Лорд Вуд, заменик-министерката за надворешни работи на Естонија, Миина-Лиина Линд, и делегатот на Сојузниот совет на Швајцарија за Украина, Жак Гербер. Разговорите ги опфатиле билатералните односи, можностите за унапредување на соработката, актуелните меѓународни прашања, европската интеграција на Северна Македонија и мултилатералната соработка.
Палашевски разговарал и со Ахмед Хусен, претседател на Постојаниот комитет на Долниот дом на Парламентот на Канада за надворешни работи и меѓународен развој. Во фокусот биле политичкиот дијалог и парламентарната соработка, почестите контакти и размената на посети, како и улогата на македонската заедница во Канада како мост меѓу двете земји. Остварени биле и куртоазни средби со амбасадорката на Албанија во Канада, Артемис Мало, и амбасадорот на Туркије во Канада, Кан Диздар.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.