Форумот ги издвојува независноста, транспарентноста и ефикасноста како принципи за зголемување на довербата во уставното судство. Во објавените принципи се наведува дека довербата е системско прашање и бара ангажман од судовите и судиите, политичките субјекти, медиумите и научната и стручната јавност.
За јакнење на независноста се наведуваат личниот интегритет на судиите и институционалниот интегритет на судовите, како и кодекс на однесување со универзални уставносудски стандарди и негово доследно почитување. Важни се и постојаното унапредување на знаењата и вештините, соодветното буџетско и институционално уредување и работата на судовите во полн состав.
Судиите треба да бидат избрани навреме, а постапката за избор да биде транспарентна, објективна и деполитизирана, со примена на најдобрите меѓународни стандарди за објективност на постапката и критериумите. Независноста на уставните судови е поврзана и со политичката и правната култура во општеството.
За поголема транспарентност се нагласува потребата работата на судовите да се приближи до јавноста, особено преку достапност на одлуките. Како можни пристапи се наведуваат разбирливи соопштенија, брифинзи со судиите, присуство на медиумите на седниците, директни преноси, јавни настапи на судии и присуство на соодветни социјални мрежи. Изборот зависи од правната традиција и културата на отвореност на судовите.
Ако судот веќе практикува јавни настапи на судиите или се определи за таква комуникација, во нивните изјави треба да има ограничувања. Меѓу нив се забрана за дискусија за тековни предмети и за прејудицирање на исходот на тековни и идни постапки, избегнување обраќања ad hominem, особено кон судии и други јавни личности, и зачувување на кредибилитетот и институционалниот авторитет на судот.
Јавно објавените издвоени мислења треба да придонесуваат за развојот на правната мисла, уставносудската практика и стратешкиот развој на судот. Нивните аргументи во иднина може да бидат прифатени како мнозински став или да поттикнат законодавна реакција.
Ефикасноста подразбира навремено постапување, почитување на роковите и избегнување неоправдано одолговлекување на постапките и седниците, вклучително и на нивното траење. Како современи алатки се наведуваат софтвер за следење на предмети, бази на податоци, полесен пристап до домашната, странската и меѓународната судска практика, како и технологија за одржување и пренос на јавни седници ако судот ги практикува.
За целосно остварување на принципите се потребни соработка и добра волја од други јавни органи, медиумите, стручната и научната јавност и останатите релевантни чинители. На медиумите им се припишува важна улога во транспарентноста и информирањето, а се наведуваат потреба од обуки и специјализација на новинарите, професионална соработка со судовите и редовни средби за прашања од јавен интерес.
Охридскиот дијалог предлага склучување меморандум за зголемување на довербата во уставните судови. Тој би утврдил стандарди за транспарентност, заеднички показатели и методологија за следење на јавната доверба во секој суд, периодична заедничка анализа на резултатите, како и регионално поврзување и унапредување на базите на уставносудската практика.
Форумот произлезе од регионална конференција одржана на 16 и 17 септември 2026 година во Охрид. Конференцијата ја организирал Уставниот суд на Северна Македонија со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна соработка, ИРЗ.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.