Според Исмаил, физичкото обезбедување на оваа инфраструктура е недоволно, а значаен дел од објектите е препуштен на приватни компании за обезбедување. Тој смета дека одговорноста за нивната заштита треба да биде јавна, односно да ја преземат државните органи.
Новата служба би обезбедувала водоводни и комуникациски системи и други објекти од кои непосредно зависи секојдневниот живот на граѓаните. Опфатот би се определувал според утврдените приоритети и расположливите капацитети. Предлогот предвидува координација меѓу Министерството за одбрана, Владата и Центарот за управување со кризи, а Министерството би го обезбедувало и планирало кадарот.
Исмаил предложи во службата да можат да се ангажираат професионални војници кои по навршување 45 години повеќе не можат да продолжат како професионални војници во Армијата. Според него, така би се искористиле нивното знаење, искуство и обученост и би се решил нивниот статус.
Воспоставувањето на службата би донело дополнителни буџетски издатоци на краток рок, оцени Исмаил, но на долг рок би можело да заштеди јавни средства. Неговото образложение е дека државата би презела дел од услугите што сега ги вршат приватните компании за обезбедување.
За понатамошното процесирање на предлог-законот ќе се изјасни Собранието на пленарна седница.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.