Средбата ја организирало Јавното обвинителство преку проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. Нацрт-стратегијата ја подготвиле експерти ангажирани од проектот, а во дискусијата учествувале институции надлежни за процесите поврзани со нејзиното спроведување.
Јавниот обвинител Ненад Савески навел дека работната верзија ги издвојува недоволната кадровска екипираност, нерамномерната распределба на кадарот и работното оптоварување, старосната структура и очекуваните пензионирања, недостигот од стручен и специјализиран кадар и ограничените капацитети за современо управување со човечките ресурси. Според него, овие состојби не можат да се надминат само со евидентирање на пополнетите и непополнетите работни места. Кадровските потреби, рече тој, треба да се утврдуваат со релевантни и проверливи податоци за обемот и сложеноста на работата, законските надлежности, работните процеси, постојните капацитети, ризиците и проектираните идни потреби.
Од почетокот на следната година треба да почне примената на новиот Закон за јавнообвинителската служба, а се очекуваат и дополнителни промени во нормативната рамка. Меѓу приоритетните обврски за периодот што следува се донесувањето акт за внатрешна организација и акт за систематизација на работните места во Јавното обвинителство.
Согледувања за нацрт-текстот дале претставници на Советот на јавните обвинители, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на јавните обвинители, јавнообвинителската служба и Државната комисија за спречување на корупцијата, како и на министерствата за правда, финансии, јавна администрација и односи меѓу заедниците. Забелешките се нотирани и ќе бидат земени предвид при изготвувањето на финалниот текст.
Савески рече дека целта е да се воспостави одржлив систем со кој луѓето со потребните знаења, вештини и интегритет ќе бидат распоредени на соодветни работни места и ќе имаат услови за професионално, независно и одговорно работење. Јакнењето на капацитетите на обвинителството, вклучително и во човечките ресурси, е дел од обврските предвидени во Реформската агенда, а стратегијата треба да овозможи ефикасно управување со кадарот во јавнообвинителската мрежа.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.