Според АНБ, лицата се осомничени за кривични дела по член 394-б од Кривичниот законик, за тероризам, и член 396, за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
При претреси на повеќе локации во Скопје, во Сингелиќ, Чаир и Брест, биле пронајдени и одземени количества нелегално оружје, меѓу нив пиштоли и автоматски пушки, муниција, тактички елеци и друга опрема. АНБ соопшти дека биле одземени и пропаганден материјал на меѓународната терористичка организација „Исламска држава“, компјутерски единици за копање криптовалути и документација.
Агенцијата ја опишува групацијата како поврзана со транснационални криминални организации и со насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија со наркотици и трговија со оружје. Според АНБ, кај повеќето членови е присутен исламски радикален елемент и тие се идеолошки следбеници на радикални имами кои поддржуваат и прокламираат меѓународни терористички организации. Агенцијата наведува и дека дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот.
АНБ наведува дека истакнати членови континуирано индоктринирале млади лица. Како почетни поттикнувачи за нивно регрутирање ги посочува верските објекти во кои се практикува радикален ислам и онлајн радикализацијата, а додава дека младите подоцна се интегрираат во криминогени активности на групацијата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.