Василевска оцени дека постои парадокс меѓу поддршката за забрзување на европските процеси за Украина и Молдавија и положбата на Западниот Балкан. Според неа, македонското општество со право ја изразува таа солидарност, но земјите од регионот, кои со децении исполнуваат критериуми и прават тешки компромиси, пречесто се чувствуваат оставени во бесконечна чекална. Таа порача дека не може да се зборува за геополитичка стабилност и одбрана на демократијата во Европа ако Западниот Балкан остане надвор од европското семејство.
Сесијата имаше три панел-дискусии. На панелот „Европските вредности како бедем на светот во криза“, Василевска ги посочи геополитичките судири, хибридните закани, дезинформациите, економската несигурност и растечкиот популизам како преклопени кризи што ја ставаат на испит силата на демократијата, владеењето на правото, човековите права и солидарноста. За Македонија, рече таа, европската интеграција и припадноста кон франкофонското семејство не се само надворешнополитички цели. Оцени дека општеството со децении вложува во реформи и ја гради отпорноста врз мултикултурализмот, меѓусебното почитување и дијалогот.
Во расправата за повеќејазичноста како дел од европското граѓанство, Василевска се заложи за заштита и афирмација на македонскиот литературен јазик. Го опиша како темелна компонента на националниот и културниот идентитет и носител на книжевноста, историската меморија и духовното творештво. Неговото зачувување, развивање и меѓународно претставување, според неа, е и културна обврска и прашање на почитување на јазичната разновидност како европска вредност.
Таа нагласи дека почитувањето на македонскиот јазик е целосно компатибилно со почитувањето на јазиците на сите заедници во општеството. Заштитата на сопствениот јазик и почитувањето на јазикот на другиот ги опиша како комплементарни принципи на демократската култура, во која различностите се признаваат, а еднаквоста се остварува преку меѓусебно почитување.
Како пример за овој пристап, Василевска го посочи еднаквиот статус на 24-те официјални јазици на ЕУ. Таа порача дека јазичната разновидност не е пречка за заедништвото и дека европската јазична политика треба да поттикнува учење странски јазици, мобилност, образовна размена и меѓукултурен дијалог, без создавање хиерархија меѓу јазиците и културите.
На третиот панел, посветен на правата на децата низ призмата на европската солидарност, зборуваше пратеничката Саранда Имери-Стафаи. Дискусијата се одржа денеска, на Меѓународниот ден на правата на детето. Таа предупреди на порастот на врсничкото и сајбер-насилството, кои ги нарушуваат основните права на децата, и порача дека европската солидарност мора да опфати и споделување стручни знаења и искуства.
Федерацијата Валонија-Брисел вовела задолжителна процедура за пријавување врсничко насилство во секое училиште и Опсерваторија за училишна клима. Имери-Стафаи побара мислење за ефикасноста на овие механизми на терен и за тоа како франкофонскиот простор може да го поттикне усогласувањето на заштитата на учениците во Европа.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.