Настанот ја носи ознаката „M31-2014-DS1“. Бил идентификуван преку набљудувања на необична ѕвезда чиј сјај во инфрацрвениот дел од спектарот постепено се засилувал пред силниот изблик. Леталото „NEOWISE“ на НАСА ги забележало промените пред ерупцијата, а подоцнежните набљудувања со „SPHEREx“ и „Џејмс Веб“ помогнале да се проследи како се менувал околниот материјал.
Истражувачите сметаат дека избликот бил предизвикан од ѕвездено спојување. Во таков процес, две ѕвезди што орбитираат една околу друга постепено се приближуваат по спирални патеки. Додека помалата се доближува до поголемата, гравитациските заемодејства можат да пренесат енергија во околниот гас, поради што тој се шири и се лади.
Со спојувањето се поврзува појавата наречена светла црвена нова, релативно редок вид ѕвездена експлозија. За разлика од обична супернова, која може да уништи ѕвезда, при спојувањето двете ѕвезди образуваат еден објект, опкружен со гас и прашина што се шират.
Токму прашината ги прави инфрацрвените набљудувања особено важни. Материјалот исфрлен при спојувањето може да се олади и да создаде прашина, која прикрива голем дел од настанот од телескопите што набљудуваат во видлива светлина.
Ваквите набљудувања им овозможуваат на астрономите да ги проучуваат последните фази од заемодејството меѓу ѕвездите: како разменуваат маса, губат енергија и на крајот се спојуваат. И Млечниот Пат содржи огромен број двојни системи и системи со повеќе ѕвезди, па слични настани можат да се случуваат и во нашата галаксија. Набљудувањето на соседната Андромеда помага во разбирањето на процеси што тешко се следат директно.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.