Одлуката за учество Комерцијална банка ја објави преку СЕИ-Нет, платформата на Македонската берза. Со неа банката се вклучува во постапката за купување на доминантниот сопственички удел во Алта банка Битола, поранешна Стопанска банка Битола.
Понудени се 372.742 обични акции, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Продажбата ќе се спроведе според моделот „сѐ или ништо“, што значи дека купувачот треба да го купи целиот понуден пакет, наместо само дел од него.
Ако на 30 ноември нема продажба, следните аукции се предвидени за 1, 2, 3, 4 и 7 декември. Почетната цена на секоја наредна аукција ќе се намалува за 10 проценти во однос на претходната.
Акциите се во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај. Народната банка ја објави постапката за нивна продажба на 16 ноември, со цел да се обезбеди нов сопственик и натамошно стабилно работење на битолската банка, со заштита на интересите на штедачите и другите клиенти.
За стекнување квалификувано учество во банка е потребна претходна согласност од Народната банка, а заинтересираните купувачи треба да ги исполнат условите за учество во постапката.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.